Кој е Кристиан Шопов

Кристиан Шопов е роден на 27.05.1988 година во Измир, Р. Турција.

Неговиот интерес за изведување илузии потекнува уште од училишните клупи, кога практично по првпат успева да го привлече вниманието на врсниците со своите трикови.

Своето високо образование го стекнува на катедрата за маркетинг на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во последните 15 години во континуитет измамува насмевки и предизвикува вчудовиденост кај разновидната публика, изведувајќи илузии. Неговиот репертоар вклучува ретки и големи илузии, чиешто претставување само по себе е ексклузивна презентација во нашата држава. Меѓу нив се и следните: појавување на мотор на сцената, телепортирање од еден крај на сцената на друг, разделување асистентка на два дела, прободување тело во сандак со мечеви, лебдење на кутија, појавување на девојка од кутија и многу други.

Иако негова најголема цел и радост е да настапува пред млади (од детски родендени и семејни прослави до театри и големи настани), тој бил незаменлив дел и од приватни забави за одбрана публика – имал можност да настапува пред Неговото Височество, принцот Мајкл од Кент, при посетата на овој член на кралското семејство во Македонија.

На 15.05.2011 година го организира првиот Фестивал на илузија во државата пред многубројна публика во Универзалната сала. На фестивалот ја пресече пејачката Елена Ристевска на половина.

Шопинг-центарот „Соравиа“ го ангажира да организира настани со содржини за целото семејство. Најатрактивни од настаните беа спектакуларното спуштање на Дедо Мраз од врвот на зградата, циркус во „Соравиа“ и едукативна фарма со животни, каде што децата се едуцираа за животните.

Во рамките на натпреварот „Филантропија преку зелени идеи“ (https://zeleniidei.mk/), што во државата го администрира Здружението за социјални иновации „АРНО“, во согласност со Регионалниот конкурс за доделување грантови за финансирање проекти во областа на зелената економија за 2017 година и регионалниот настан „Форум за развој на филантропија“ (26-29.07.2017, Црна Гора), неговата идеја да го ребрендира постојниот бизнис во еко-магионичар кој ќе промовира екологија беше избрана од страна на меѓународното жири и доби грант во износ од 10.000 американски долари од Фондот на браќата Рокфелер за нејзина реализација. Преку илузионистичките настапи и со помош на наградата Кристиан создава медиуми за подигање на еколошката свест и позитивна промена на однесувањето на населението.

Со добиениот грант го оформува социјалното претпријатие „Грин Меџик Продакшн“ и спонзориран од страна на „Пакомак“, „Пивара Скопје“ и холандска амбасада, тој со неговиот тим го организира и ги реализира неговиот дотогаш најголем проект едукативна еко-претстава наречена „Хокус покус – рециклирањето во фокус“, што беше проследена од 33.700 деца од 52 основни училишта во Скопје и 17.000 деца од 45 училишта од седум други градови во државата. Целта беше децата од шест до десет години да се едуцираат за тоа како да селектираат отпад преку забавна и едукативна магионичарска претстава и со тоа да креираат чиста животна средина. Завршница на проектот беше настапот со големи илузии во Националната филхармонија на 9.12.2018 година, каде што беа одржани три претстави во камерната сала и вкупна посетеност беше 900 гледачи. Овој проект беше награден од страна на Министерството за економија за општествена одговорност.

За Кристиан најголемо „чудо“ не е „магично“ да направи некој предмет да исчезне или да се појави, туку да им помага на луѓето и да придонесе за позитивна промена на светот. Затоа ја креираше програмата „Големо срце“ (Big Heart), што вклучува:

  1. Работно ангажирање на лице со попреченост.
  2. Организација на хуманитарни настапи од кои приходот го донира за хумани цели.
  3. Со своите настапи барем за миг го развеселува денот за лица од ранливи категории граѓани.
  4. Едуцира деца за тоа како можат да придонесат за чиста животна средина ако го селектираат отпадот.
  5. Помага на лица со ментални болести и се залага за нивна дестигматизација.

Со неговата програма „Големо срце“ заедно со својот тим ја добиваат наградата за социјално претприемништво „Social Impact Award“ 2018 година. Повеќе за програмата можете да прочитате тука